Електрични автобуси

Иднина која станува сегашност

Иако сé уште ретки на улиците, електричните автобуси ја држат иднината на градскиот превоз во свои раце

Патниците веќе ги почувствуваа предностите на електричниот градски автобус кој тивко, скоро бесшумно и доста брзо веќе половина година пробно сообраќа низ улиците на Скопје. Јавното претпријатие за градски превоз се увери во неговата економичност – за еден километар му треба околу еден киловат-час струја. За да сите ние ги почувствуваме придобивките од неговиот еколошки погон, градот треба да се увери и во неговата исплатливост бидејќи цената му изнесува 450.000 евра, на кои треба да се додадат уште по стотина илјади евра за секоја станица за полнење која мора да се постави на крајните постојки. За споредба, еден дизел градски автобус од позната марка чини 180 до 200 илјади евра и троши повеќе од 40 литри гориво на 100 километри. Доста други градови низ целиот свет веќе ја направија својата математика – ова се само дел од најновите вести за присуството на електрични автобуси низ Европа.

Малиот град Естерсунд на северот на Шведска со околу 50.000 жители си постави цел до 2030 година комплетно да ги исфрли автобусите на фосилни горива од своите улици. А климата таму со студени зими и релативно топли лета е идеална прилика за тестирање на технологиите, која Scania реши да ја искористи. На градот веќе му се предадени три автобуси кои сообраќаат на доста фреквентна рута долга 14 километри со 40 станици. Со максимална брзина до 70 km/h, тие дневно обавуваат око 100 возења. Истиот термин за истата цел го има поставено и Минхен. Веќе е потпишан договор за иновативно партнерство со MAN, кој својот прв сериски електричен автобус ќе започне да го произведува во 2020 година.

Аналитичарите проценуваат дека до тогаш низ германските градови ќе сообраќаат околу 500 автобуси на електричен погон. Подготвувајќи се за тоа, најголемиот производител на автобуси во Европа веќе го претстави својот адут. Mercedes-Benz eCitaro има конструкција од модуларен тип и задни оски од ZF во кои се монтирани двата електромотора со по 125 kW и 485 Nm секој. Батериите се водено ладени производство на Samsung, а клиентите можат да бираат меѓу повеќе пакети. Еден блок од батериите ќе биде сместен во делот каде обично е дизел моторот, а друг на покривот. Тестовите покажаа дека автобусот троши 1 kWh на секој километар, но без вклучен клима уред или греење. Во тој случај, потрошувачката се искачува на 1,3 односно 2 kWh за километар. Во оптимален случај автобусот ќе може да помине до 250 километри со едно полнење, но сепак реалната бројка со која се оперира е околу 150 km. Батериите можат да се полнат со помош на пантографот сместен на покривот или преку конекторот сместен на десната страна на автобусот. Како и дизел верзијата, има капацитет за 80 до 85 патници. Првиот примерок веќе е во редовен сообраќај во Хамбург.

А Volvo е чекор понапред – градот Брисел од шведскиот производител веќе нарача 90 електрични соло автобуси 7900 H, кои ќе бидат испорачани оваа и наредната годината. И европската престолнина ја има зацртано 2030 година како датум за целосна електрификација на јавниот превоз. Volvo подготвува и зглобни електрични автобуси – два такви веќе се на пробен сообраќај на улиците на Гетеборг во Шведска. Имаат должина од 18,7 метри, капацитет за 135 патници и по четири двокрилни врати со цел брзото возење да биде дополнето и со брзо влегување и излегување на постојките. За патувањето со нив да биде попријатно опремени се со бесплатен интернет и полначи за мобилни телефони. Батериите се димензионирани автобусите да можат да функционираат без прекин за време на сообраќајните шпицеви, а полнењето ќе се одвива кога има помалку сообраќај.

Доцнењето на Volvo во подготовката на зглобните електрични автобуси го искористи полскиот Solaris, кој токму во Брисел во првата половина од идната година ќе испорача 25 примероци од моделот Urbino 18, какви што веќе се испорачани за Краков, Варшава, Барселона… Оваа компанија важи за најголем добавувач на електрични автобуси во Европа – досега има пласирано повеќе од 150 примероци. Првиот свој електричен автобус го има претстави уште во 2011 година. Моментално во гамата имаат четири различни модели со должина од 9, 12 и 18 метри и капацитет на батериите меѓу 80 и 240 kWh. Нивните возила се среќаваат во многу градови низ Европа, но сепак оваа нарачка е значајна за компанијата – не само заради сумата од 21 милион евра колку што тежи, заедно со комплетната инфраструктура за полнење.

Примерот со Solaris е доказ и дека за разлика од големите, независните производители на автобуси се покажаа како попродорни во електрифицирањето на својата гама. Така на пример шпанскиот Irizar уште лани го покажа моделот ie Tram, а VDL започна со испорака на 8 автобуси за градското транспортно претпријатие во Хаг. Значајно е и тоа што освен автобусите, и целокупната инсталација за полнење на батериите и менаџмент на целиот систем е производ на оваа холандска компанија. Нејзините автобуси веќе се користат во уште неколку градови во Холандија. Ги задвижува електромотор Siemens со силина од 153 kW и максимални 2.500 Nm, а имаат капацитет за 92 патника. Договорена е испорака на 13 зглобни возила за Bus Rapid Transit системот за германскиот Ознабрик, слични на оние кои веќе сообраќаат во Гронинген. Карактеристика им е што дополнувањето на батериите ќе го вршат и на попатните постојки со што се скратува времето на чекање на крајните станици, односно се зголемува степенот на искористеност и се продолжува автономијата. Овој холандски град предничи со своите цели – тежнее уште за две години целокупниот градски превоз да биде електрифициран, 10 години пред самопоставената цел во јавниот превоз во земјата на лалињата да бидат забранети автобусите на фосилни горива.

Чекор со Европа во поглед на електрификацијата фаќа и Русија – планот е во Москва до крајот на 2019-та да има дури 600 електрични автобуси. Првите веќе започнаа да сообраќаат есенва, а ги испорача Kamaz. Карактеристика им се литиум-титанатните батерии кои на брз полнач ќе можат да се наполнат за време меѓу 6 и 20 минути. Имаат предвидено работен век од 10 години, односно 10 илјади циклуси на полнење и празнење, а можат да функционираат и на температури до -45° C. Од Kamaz велат дека се подготвени да произведуваат по 1.000 електрични автобуси годишно.

А подготвени сме и ние – Van Hool напролет планира да ги испрати првите електрични автобуси од Скопје за Америка. Да се надеваме дека ќе остане некој и во Македонија. Но ако ни се прескапи, има на кого да се обратиме – производителот на нашите двокатни автобуси, кинескиот Yutong, веќе испорача 20 електрични единечни возила во Софија, по цена од околу 390 евра по примерок, сума на која треба да се додадат трошоците за инфраструктурата за полнење, софтверот за контрола и телеметрија и другите неопходни нешта.